- ЕИБ е првата меѓународна финансиска институција која промовира пристап на правична отпорност што ќе се применува од 2024 година па натаму.
- Во девет пилот земји, ЕИБ ја проширува својата поддршка за правична транзиција на глобално ниво, вклучително и преку Партнерствата за правична енергетска транзиција и иницијативите на Тимот Европа.
- Новите пристапи имаат за цел да ги поддржат оние кои се најмногу погодени од климатските политики и се чувствителни на климатски промени.
На конференцијата за климатски промени COP28, ЕИБ Глобално, развојниот огранок на Европската инвестициска банка (ЕИБ), го претстави својот нов пристап за зголемување на финансирањето и советодавните услуги за поддршка на правичната транзиција и правичната отпорност ширум светот. ЕИБ ќе биде првата меѓународна финансиска институција која ќе примени пристап на правична отпорност од почетокот на 2024 година. Надоврзувајќи се на својата значителна работа во Европската Унија, за поддршка на заедниците погодени од напорите за декарбонизација, ЕИБ Глобално исто така објави дека ја проширува својата поддршка за правична транзиција низ целиот свет.
ЕИБ Глобално ќе работи со јавни и приватни партнери за да ги идентификува можностите и да одговори на предизвиците поврзани со правичната транзиција и правичната отпорност. ЕИБ Глобално поддржува проекти преку директни и посредни заеми преку фондови, банки и микрофинансиски институции. Дополнително, ЕИБ Глобално се обидува да изгради финансиски, технички и партнерства базирани на знаење за да помогне во подготовката на проекти за правична транзиција и правична отпорност ширум светот.
„Декарбонизирањето на нашите економии и правењето тие да бидат отпорни на климата мора да се случи на општествено одговорен начин или нема да се случи“, рече потпретседателот на ЕИБ, Амбруаз Фајол. „Според новиот пристап на ЕИБ Глобално за правична транзиција и правична отпорност, ги поддржуваме земјите и луѓето кои се најмногу погодени од климатската криза и зелените политики. Наша цел е да направиме климатските активности да функционираат за сите. Ги повикувам нашите партнери да ни се придружат во овој клучен потфат да ги поддржиме одржливите инвестициски проекти коишто не оставаат никого зад себе.“
Пионерска правична отпорност
Правичната отпорност има за цел да обезбеди политиките и проектите за адаптација на климата да ги земат во предвид потребите на сите за да се избегнат несакани влијанија. Зголемувањето на климатската отпорност и обезбедувањето правични политики за климатска адаптација се итно потребни, бидејќи зголемените температури ги зголемуваат географските и социјалните нееднаквости со катастрофални последици.
Од 2024 година па натаму, ЕИБ Глобално ќе ја насочи својата поддршка за правична отпорност кон најмалку развиените земји, кревките и погодени од конфликт држави и малите островски држави во развој. Покрај тоа, ЕИБ Глобално ќе ги таргетира активностите за адаптација на климата кои ги вклучуваат или од кои ќе имаат корист оние чија егзистенција зависи од природните ресурси и екосистемите, домородните луѓе, жените и небинарните, младите луѓе, мигрантите и другите групи кои носат нееднаков товар од климатските промени ширум светот. ЕИБ Глобално ќе преземе поинтегриран пристап кон климатската адаптација и општествената вклученост и ќе ја комбинира сродната метрика.
Правична транзиција што не остава никого зад себе
Во Европската Унија, ЕИБ долго време ги поддржува заедниците погодени од преминот кон нето-нула иднина. ЕИБ Глобално сега се надоврзува на ова искуство и ги проширува своите активности за правична транзиција во регионите кои се најмногу погодени од напорите за декарбонизација и каде што постои намера за премин кон поодржливи економии.
ЕИБ Глобално првично ќе ги фокусира своите активности за правична транзиција на девет пилот земји: Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Украина, Јужна Африка, Индонезија и Виетнам. Ќе ги поддржи работниците погодени од зелената транзиција, а ќе ги поддржи и проектите во инфраструктурата со низок јаглерод, енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија,, развојот на малите и средни компании, образованието, обуката и преквалификацијата, како и рехабилитацијата на животната средина.
Притоа, ЕИБ Глобално ги поддржува Партнерствата за правична енергетска транзиција и работи заедно со иницијативите на Тим Европа за ставање крај на производството на енергија базирано на јаглен. Покрај пилот-земјите, ЕИБ Глобално ќе им помогне на работниците и заедниците погодени од затворањето на погоните за фосилни горива или од активностите што вклучуваат екстракција на фосилни горива. ЕИБ Глобално дава приоритет на регенерацијата и деконтаминацијата на локациите, рехабилитацијата на земјиштето и обновувањето на екосистемот и зелената инфраструктура.
ЕИБ на COP28
Најдете преглед на активностите на ЕИБ на COP28 на нашата веб-страница. ЕИБ има павилјон во областа на споредните настани на сината зона и одржува серија настани на бројни теми. Целосната агенда ќе ја најдете тука. Добредојдени сте да се придружите за да ги гледате сесиите во живо или подоцна, кога ќе ви одговара. Дополнително, ЕИБ дели павилјон со групата мултилатерални развојни банки. Целосната агенда ќе ја најдете тука.
Основни информации
Пристапот на ЕИБ за правична транзиција и правична отпорност следи по објавувањето на изјавата за намери на климатската конференција COP27. Пристапот на ЕИБ е во согласност со заедничката изјава на мултилатералните развојни банки во која се истакнува нивната посветеност на пет принципи на високо ниво за правична транзиција. Дополнително, ЕИБ тесно соработува со Европската комисија за поддршка на правичната транзиција во Европската Унија. ЕИБ ќе го искористи ова уникатно знаење и искуство за да ја примени својата поддршка за правична транзиција низ целиот свет.
- Во 2019 година, беше усвоена политиката на ЕИБ за заеми за енергија за да се прекине финансирањето на сите проекти за енергија од фосилни горива, вклучително и природниот гас. Таа е првата мултилатерална развојна банка што го стори тоа.
- Во 2021 година, ЕИБ стана првата мултилатерална развојна банка која ги усогласи нашите финансиски активности со Парискиот договор.
- Преку својот Патоказ на климатската банка Групацијата ЕИБ има за цел да поддржи 1 трилион евра инвестиции во климатските активности и одржливоста на животната средина во текот на критичната деценија, 2021 – 2030 година.
- ЕИБ се обврза да ги зголеми инвестициите во климатските активности и одржливоста на животната средина на повеќе од 50 % од годишните заеми на ЕИБ до 2025 година – минатата година тоа беше надминато со 58 %.
- Во 2021 година, ЕИБ го објави својот прв посветен План за адаптација за зајакнување на инвестициите и техничката поддршка за заштита на проектите од влијанието на поекстремните временски услови и за зголемување на климатската отпорност на постојната и новата инфраструктура.
ЕИБ Глобално е специјализиран огранок на Групацијата ЕИБ посветен на операции надвор од Европската Унија и клучен партнер за стратегијата на ЕУ за Глобалната порта. Нашата цел е да поддржиме инвестиции од најмалку 100 милијарди евра до крајот на 2027 година, што е околу една третина од вкупната цел на Глобалната порта. Во рамките на Тим Европа, ЕИБ Глобално негува силни, фокусирани партнерства заедно со другите развојни финансиски институции и граѓанското општество. ЕИБ Глобално ја доближува Групацијата ЕИБ до локалните заедници, компаниите и институциите преку нашите канцеларии ширум светот.